Второ издание на „Today it’s all about jazz“ на 30 Април

Второто издание на манифестацијата „Today it’s all about jazz“ или „Денес сѐ е џез“ во организација на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, ќе се одржи на 30 април во Македонската филхармонија. Со голем број на концерти, таа вечер и во Скопје ќе се одбележи Меѓународниот ден на џезот – ден кој јубилејно се одбележува од 2011 година, а е под покровителство на УНЕСКО.

Пред официјалната програма, настанот ќе почне со настап на студентите од Џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, со настап на џез-ансамблите кои функционираат во рамки на катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и со настап на џез-хорот „Артизан“.

Инаку, минатата година ЗЏМ овој голем настан го одбележа пред платото на Младинскиот културен центар и траеше цели 12 часа. ЗЏМ се вклучи во мрежата на светски организации кои го одбележуваат овој ден, за што има и официјална потврда од страна на „Телониус Монк“ Институтот за џез, кој е глобален организатор на овој настан ширум светот.

Меѓународниот ден на џезот ги слави „придобивките на џез-музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето“. Под ова мото ќе биде одржана и годинашната манифестација.