Денот на џезот и во другите градови во Македонија

 

ЗЏМ Скопје, за годинашниот Меѓународен ден на џезот, внесува уште една новина. Станува збор за мини патувачки џез-караван кој ќе се одржи на 26, 27 и 28 април во 6 градови во земјава, Охрид, Велес, Битола, Кавадарци, Штип и Прилеп, со настап на 6 џез-групи.

На 26 април во Охрид, концерт ќе одржи групата „Кабадајас“. Станува збор за состав формиран од четворица сестрани македонски музичари. Музичкиот жанр кој тие го создаваат и исполнуваат, е мешавина од традиционални мелодиски и ритмички изрази, карактеристични за Македонија, при што се рушат тие граници посегнувајќи длабоко во областа на џез/фанк/драм енд бејс и даб-музиката. Шлаг на „тортата“ е звукот на водечкиот кларинет кој може лесно да се опише како „Гаспаријан од 21-от век кој настапува на Jazzy клупската сцена“. Во бендот членуваат: Горан Бојчевски – кларинет, Зоран Костадиновски – гитара, Џоле Максимовски – бас-гитара и Дино Милосављевиќ – тапани и перкусии.

 

 

На 26 април во Велес, концерт ќе одржат „Летечки пекинезери“, кои повеќе од десет години успешно ја доближуваат џез-музиката до младата популација. Добро е препознатлив нивниот звук кој се движи во границите на свингот, звуците од 30-тите и 40-тите години на минатиот век, вметнувајќи и фрази слични на оние на Кочо Петровски, Тале Огненовски или некои други почитувани мајстори во македонската народна музика, но од друга страна, тие го збогатуваат својот звук со еден рокабили шмек. „Летечки пекинезери“ досега имаат издадено два албуми: „Летечки пекинезери“ (2011) и „Dog Show/ Изложба на кучиња“ (2014), и двата издадени за СЏФ Рекордс. Во бендот членуваат: Иво Солдатовиќ – кларинет, Петар Христов – тенор-саксофон, Бојан Петков – гитара, Кирил Туфекчиевски – бас и Славчо Коцев – тапани.

 

На 27 април во Битола, ќе настапи Триото на Оливер Јосифовски, познат како основач на групата „Љубојна“, која ја предводи заедно со својата сопруга, вокалистката Вера Милошеска Јосифовска. Иако, неговите музички интереси и активности не почнуваат, ниту завршуваат тука. Тој е еден од основачите на култниот бенд „Фолтин“, член е на неколку реномирани македонски џез-состави, а воедно е и еден од најбараните композитори за театарска музика. По завршувањето Џез-академија во Софија, неговите активности на музички план се врзани со компонирање на музика за театарски претстави (досега околу 60 претстави). Јосифовски соработува со повеќе театарски режисери од регионот: Нурула Тунџер од Турција, реномираниот српски драмски писател и режисер Душан Ковачевиќ, режисерот Павлос Данелатос и театарот „Андреас Воутсинас“ од Солун, Грција…

 

 

На 27 април во Кавадарци, публиката ќе има можност да го проследи настапот на „Jazzna“ („Џезна“) – формација чија цел е да биде дел од ретките, но толку потребни џез-џедаи кои преку мелодии како лајтсејбери и пркосат на империјата на едноличниот мејнстрим. „Џезна“ се: Јасна Трпкова – вокал, Александар Таушанов – гитара и Пере Ангелов – бас.

 

 

 

На 28 април во Штип, концерт ќе одржи Тони Китановски, етаблиран македонски џез-музичар, композитор и гитарист. Од крајот на 70-тите години и во дел од 80-тите, негов музички ментор бил македонскиот реномиран композитор Драган Ѓаконовски – Шпато. Од 1986 до 1990 година го водел триото „Шпато“, со кое одржал бројни концерти, додека од 1990 до 1997 година престојува во САД, каде што дипломира композиција на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, а паралелно компонира за оркестарот на Херб Помероу и за Биг-бендот на Грег Хопкинс. Китановски во 1997 година се враќа во Скопје, каде го формира составот „Луна“, а подоцна и своето трио. Повторно соработува со голем број на реномирани светски музичари, меѓу кои се и Грег Хопкинс, Чарли Мариано и Мет Дариау. Во 1998 година, за продукцијата на „Скопскиот џез-фестивал“ го објавува својот прв албум „One For Charlie“, по што следат албумот на Тони Китановски и Черкези оркестра, потоа „Шукар, „Бостон“ на кој гостува Грег Хопкинс, „3X3“ кој е во соработка со повеќе негови колеги. Kако продуцент композитор и изведувач се јавува на уште три ЦД изданија – „Ел Равал“ на Васил Хаџиманов трио, „Кубалкан“ на Оскар Салас со македонски музичари и „Три Света“ на Амалиа Бараона. Автор е на музиката на играните филмови: „Movie“, „Медена ноќи „Само за губитници“ на режисерот Иво Трајков. Покрај изведувачката кариера, Тони Китановски моментно ја извршува функцијата декан на Џез- академијата во Штип.

На 28 април во Прилеп, концерт ќе одржи групата „3јеct“. Тоа е најновото „возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти“. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, потпкрепени од вградени параметри, ствараат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. HOMEVERSE го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi.