Есенскиот џез караван завршува во Крушево

Последната станица на манифестацијата Есенски џез караван е Крушево каде на 8 декември во Спомен куќата Тоше Проески концерт ќе одржат три македонски џез состави – Белучи Квартет, иван Иванов Квинтет и Kabadayas.   Концертот кој е организиран од страна на Здружение на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, а поддржан од Министерството за култура на Република Македонија  преку проектот Топол културен бран, ќе започне во 16 часот.

Белучи Квартет – Под ова име Белучи Квартет го имаше својот прв настап на манифестацијата Today it’s all about jazz (Денес сѐ е џез).  Станува збор за четворица  музичари – Кирил Кузманов (саксофон), Гордан Спасовски (клавијатури), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Благоја Антовски (тапани)), добро познати на џез сцената во Македонија, кои решија да ги обединат своите сили во еден единствен состав и пред публиката да се претстават со свои авторски композиции и сопствени адаптации на џез стандарди.  Нивната авторска музика се движи во рамките на современиот и традиционалниот џез, но може да се забележи и влијанието на македонската традиционална музика.  Бендот моментално е актуелен со материјалот за албумот под работен наслов “In walked Bellucci” кој сеуште не е издаден.

Иван Иванов Квинтет – Иван Иванов е саксофонист и професор по саксофон на катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност – ФМУ Скопје, кој на македонската публика досега и беше познат по неговиот албум Wild Flower, издаден од страна на Скопје Џез Фестивал (SJF Records). Доколу овој авторски албум на Иванов беше комбинација на современ џез и македонски традиционални мотиви, следниот проект на Иван со кој ќе се претстави пред македонската публика внесува и помодерни фанк елементи со кој го збогатува својот музички израз.

Kabadayas – Kabadayas е состав формиран од четворица сестрани македонски музичари.  Музичкиот жанр кој тие го создаваат и исполнуваат е мешавина на традиционалната мелодични ритмички изрази карактеристични за Македонија, при што се рушат тие раници посегнувајќи длабоко во областа на џез / фанк / дарм ен бејс и даб музиката.  Шлаг на “тортата” е звукот на водечкиот кларинет кој може лесно да се опише како “Гаспаријан од  21-от век кој настапува на Jazzy клубската сцена”.  Во бендот членуваат  Горан Бојчевски – кларинет, Зоран Костадиновски – гитара, Џоле Максимовски – бас гитара и Дино Милосављевиќ – тапани и перкусии.

Манифестацијата Есенски џез караван завршува во Крушево по успешно реализирани три концерти во Делчево, Богданци и Пробиштип на кои свое претставување имаа седум македонски џез бендови – MusaIQ, Fierce, Џоле Грујовски Квартет, in Between, Next to Silence, Летечки Пекинезери и Трајче Велков Квартет.  Манифестацијата се одржува по втор пат годинава и има за целда ја доближи џез сцената и до публиката во оние градови, кои на некој начин се запоставени кога станува збор за џез музика.  Со тоа џез музиката би се доближила и до младата публика во овие градови, земајќи во предвид дека културните настани од овој тип се главно концентрирани во главниот град, и покрај тоа што и локалната публика е сериозно заинтересирана за случувања од ваков карактер и има голема посетеност на истите.