За 30 Април и Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет

На официјалната манифестација во Скопје, покрај Дон Менза и Зиги Фајгл, ќе настапат и два други музички состави кои негуваат различен тип на џез-музика: Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет.

Гоце Стевковски Секстет – „Седум приказни“ на Гоце Стевковски е првиот негов авторски албум преку кој овој музички уметник се потврди пред македонската и пошироката публика како исклучително иновативен композитор. Иако, публиката го познава како тапанар со кој имаат соработувано сите реномирани музичари и групи од земјава и од регионот, меѓу кои и „Архангел“, „Леб и Сол“, „Бодан Арсовски Езгија Бенд“, „Проект Жлуст“, „ДНО“, Кирил Џајковски… На 30 април, Стевковски ќе се претстави пред публиката со неговиот последен албум под наслов „Кожув“ кој покрај звуците на класичниот современ џез внесува и македонски фолклорни мотиви.

 

 

Михаил Иосифов, кој ќе настапи со својот извонреден Квинтет, е истакнат трубач од Бугарија, аранжер и композитор, кој во својата кариера има соработувано со многу истакнати имиња од светската џез-сцена, меѓу кои Мајк Стерн, Дејв Векл, Mezzoforte, Dephazz, Пинк Мартини, Питер Херболцхајмер, Карен Бернод, Пуги Бел, Ренди Брекер, Мајкл Закрпи Стјуарт, Макс Moya, Жерар Пренсер, Милчо Левиев, Теодосиј Спасов, Ангел Заберски, Антони Дончев, Христо Јоцов.