ЗЏМ СО НАЈАВА ЗА НОВИ ПРОЕКТИ

ЗЏМ – Здружението на џез-уметници на Македонија е една од најактивните асоцијации кои се занимаваат со уметност во земјава. Биг-бендот на ЗЏМ во изминативе неколку години реализираше голем број на успешни концерти со врвни солисти и диригенти од светот кои важат за едни од најреномираните уметници во сферата на џез-музиката.

И годинава, на 30 Април, ЗЏМ се приклучи кон одбележување на Меѓународниот Ден на џезот. По трет пат Биг-Бендот се претстави во извонредно светло пред многубројните посетители во Младинскиот културен центар. Голем број на намерници, но и случајни минувачи, љубители на џезот, на добрата музика, луѓе од сите генерации, беа сведоци на креативни работилници, меѓу нив и за најмладите, како и на одлични „свирки“, но и на супер дружба полна со звучна магија!

Организаторот на настанот, Здружението на џез-музичари на Македонија, и за 2020 година ветува уште едно целодневно случување кое ќе ја слави џез-музиката, но наедно и ќе едуцира преку разновидните работилници наменети за секоја генерација љубители на џезот.

Не се заборава ниту второто издание на Денот на џезот, кое се одржа во Филхармонијата на РСМ со голем број на учесници, со настап на врвни музичари од земјава и од странство. По извонредните настапи на студентите од Џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, на џез-ансамблите од катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и на џез-хорот „Артизан“, концерти одржаа и Гоце Стевковски Секстет, како и фантастичните гости – Михаил Иосифов Квинтет од Бугарија, и се разбира Биг-бендот на Здружението на џез-уметници на Македонија со врвниот диригент од Австрија, Зиги Фајгл и гостинот на саксофон, светската ѕвезда Дон Менза!

Оваа манифестација, како една од главните настани во работата на Здружението, не претставува само концертно одбележување на Светскиот ден на џезот, туку таа има и цел да ги воведе љубителите на музиката во професионалниот свет на музиката преку работилници. Досега се одржаа неколку, и тоа предводени од мајстори на џез-музиката, меѓу нив и Зиги Фајгл. Тоа е ретка можност да се остварат поучни средби со врвни професори и музичари, кои го споделуваат практично своето искуство во сферата на џез-музиката.

Следните настани на ЗЏМ, меѓу нив и наредното издание на Денот на џезот – 30 Април 2020 година, повторно ќе донесат свежи и инспиративни звучни мигови. Првиот, ќе се случи на претстојното издание на Скопскиот џез-фестивал, кога „комбо“ бендот на ЗЏМ ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонијата и Џијан Емин како диригент и автор на композициите. Се разбира, неизоставен е и Новогодишниот концерт на ЗЏМ кој ќе претстави нови аранжмани на џез-класици со извонредни солисти.

Еден од позначајните настани е концертот на ЗЏМ со маестро Зиги Фајгл од Австрија, со фантастичниот проект „Radiohead Jazz Proјect“. Станува збор за џез-верзии на најдобрите музички теми на британската алтернативна рок-група „Рејдиохед“, која од своето постоење до денес, изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот, која донесе прогресивен и иновативен звук. Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, за првпат претставени кај нас.