Македонската филхармонија и Здружението на џез-музичари на Македонија на 12 април реализираа: ЕЛЕКТРО-АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ НА ЏИЈАН ЕМИН!

 

 

 

 

 

 

Полна сала, овации, впечатлива музичка фузија од неколку звучни изрази и стилови, беа првите впечатоци по концертот. А, еве што беше запишано во програмскиот лист:

„Музиката е јазик над јазиците. Може да се каже дека, во однос на сите други уметности, музиката најсилно ја придвижува и ја менува свеста.“ (Дејвид Тејм – „Скриената моќ на музиката“)

Звучната фузија од електроника и класични инструменти, од артифициелни и натурални тонови се јавува уште на почетокот на 20.век и се развива паралелно со напредокот на техниката и технологијата, обидувајќи се, слично како и со појавата на минимализмот, да исфрли некои од спецификите на западната класична музика, особено она чувство на климакс. Денес, размената на информации е полесна од било кога и во однос на творештвото, таа на некој чуден начин го наоѓа и звучниот патоказ во кој електрониката со сите свои потенцијали ја наметнува „свеста“ во симфониската (класичната) музика, но и обратно. Оваа приказна може да се движи до недоглед и повторно да се врати на почетокот – а, некаде во средината звуците да не одведат во сосема ирационални делови, некаде пак, во сосема музички, онака препознатливо музички, тонални, достапни. Нашите уши одамна се навикнаа на онаа, на почетокот чудна комбинација од човек и робот, од духовно и механичко, на еден несекојдневен звучен процес кој денес е навика, секојдневие, нормалност. Денес, индивидуалноста и креативноста живеат поинаков живот.

И за Џијан Емин овој процес на создавање на музика не е новитет и тој постојано ги пренесува неговите одредени идеи и погледи на разновидни звучни појави (проекти), а соединувањето на класичната со електронската музика го одведе далеку надвор од границите на неговата земја. Неговата долгогодишна комуникација со класичната музика, на различни нивоа на изразување, не само што изврши огромно влијание врз неговиот уметнички хабитус, туку денес го одведе во поинакви, за некои нови звучни предели во кои особено се фокусира на деталите оплеменувајќи ги со техничките можности. На нашето културно небо, тој поставува нови стандарди на поимање на музиката и гради сопствена приказна која е слушната, „видена“, прифатена и пренесувана.

Франц Кафка вели: „Музиката е звук на душата, директен глас на личниот свет“. Тој личен свет во кој денес се поврзуваат класичната, електронската музика и џезот, за Џијан Емин е еден, единствен. Со едноставно име, електро-акустичен концерт, кој бегло ја дава и естетската одредница на овој настан, тој е збогатен и со импровизацијата како создавање во мигот, како моментална инспирација, како мисла која доаѓа, се задржува и минува понатаму. Нема ноти, нема подготовка, постои само автентичност на мигот исполнет со звук –  импровизацијата како непресушен извор на свежи идеи. Како главна карактеристика на џезот, таа овде е суптилно проткаена.

Фридрих Ниче, пак, напишал: „Музиката ги соединува сите квалитети: може да не восхити, може да не орасположи или да ги скрши најцврстите срца со мекоста на своите меланхолични тонови. Но, нејзината примарна задача е да ги води нашите мисли кон повисоки нешта, да не возвиши, па дури и да направи да затрепериме…“ Електро-акустичниот концерт на Џијан Емин може да отвори нови видици на поимање на музиката, може да предизвика разни емоции, да створи поле за полемики, да наметне дилеми, едноставно да создаде атмосфера во која слободата на изразување на емоциите, ама и на мислата, ќе биде најважна. Зашто, слободата е, всушност, лајт мотивот на овој уметнички настан – како чин на креација, ама и како пристап на восприемање на звукот.