Саксофонистот Дон Менза и маестро Зиги Фајл – главни ѕвезди на „Today it’s all about jazz“ на 30 Април

Ексклузивно, за Today it’s all about jazz – Меѓународниот ден на џезот – 30 Април, во Скопје гостува севременскиот музички уметник Дон Менза и исклучителниот австриски диригент и саксофонист Зиги Фајгл.

Саксофонистот Дон Менза е име кое спојува многу генерации на џез-музичари. Роден во 1936 година, овој американски џез-саксофонист, аранжер и композитор работел со пијанистот Стен Кентон, бил член на бендот на Бади Рич, свирел со Елвин Џонс и Луи Белсон… Неговите композиции, меѓу кои „Groovin Hard“ и „Time Check“, се стандарден репертоар во програмите за џез-студии на колеџите и универзитетите ширум светот.

Инаку, Дон Менза ќе предводи и семинар под наслов „Местото на саксофонот во џезот – како се свири саксофон во џезот и џез-импровизации на саксофон“, на кој ќе се осврне на историската улога на овој инструмент во џез-музиката и неговото место во еден џез Биг-бенд. Менза ќе го сподели практично своето долгогодишно искуство и знаење, подготвувајќи ги саксофонистите за џез-изведба и импровизација.

Зиги Фајгл е второто значајно име кое ќе го одбележи Меѓународниот ден на џезот кај нас. Македонската публика го памети овој харизматичен Австриец и по неговиот настап со ЗЏМ Биг-бендот како дириент на концертот „ZJM Jazz Orchestra plays the Beatles“ („ЗЏМ Џез-оркестарот свири музика на ‘Битлси’“) кој се одржа на 26 ноември во 2016 година, во преполната сала на Македонската опера и балет. Специјално за оваа прилика беше повикан светски реномираниот диригент и професор на Џез Универзитетот во Грац, кој претставува едно од најистакнатите имиња кога станува збор за диригирање со биг-бенд состави и кој оствари одлична соработка со македонските музичари, а самиот концерт беше пречекан со овации.

Маестро Фајгл ќе предводи и семинар под наслов „Како до добар Биг-Бенд? – фактори потребни да се добие добар џез-ансамбл“, кој е замислен како работилница во времетраење од три дена, а која ќе заврши со финален концерт на кој учесниците практично ќе ги презентираат стекнатите знаења.