Гоце Стевковски Септет на Скопско лето

Во рамки на манифестацијата Скопско лето, на 21 јули, во Сули Ан, со почеток од 22 часот, концерт ќе одржи Гоце Стевковски Септет.

Гоце Стевковски кој на пошироката јавност и е познат по неговите ангажмани како џез тапанар во повеќе високо етаблирани групи како Архангел, Леб и сол, Бодан Арсовски Езгија Бенд, Проект Жлуст, ДНО, последниве години својот музички интерес го насочува кон џез музиката, учествувајќи во бројни џез проекти и соработувајќи со скоро сите значајни имиња на македонската и балканската џез сцена.  Покрај изведувачката дејност, Гоце Стевковски работи и како професор по тапани и удиралки на Џез академијата во Штип.

Последниов период Стевковски е актуелен со неговите авторски проекти преку кои уште еднаш ја покажува својата креативна страна, но овој пат и како автор на своја џез музика која ја изведува со својот септет.  На концертот во Долни Сарај Гоце Стевковски Септет ќе изведе композиции од првиот самостоен албум на Стевковски, “7 приказни”, кој се движи во рамки на пост-хард боп звукот, како и новиот албум “Кожув”  кој претставува потрага по корените односно преплет на современиот џез со примеси од теми карактеристични за традиционалната македонска музика.

За потребите на самите настапи, Септетот тековно трпи измени во самиот состав, а на концетот во Долни Сарај покрај Гоце Стевковски ќе настапат и Иван Иванов – саксофон, Кирил Кузманов – саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Кирил Туфекчиевски – контрабас, но и гостите Матијаш Гајер (Унгарија) – пијано и Тодор Бакрџиев (Бугарија) – труба.

Матијаш Гајер е исклучителен млад пијанист, дипломец на Универзиетот за џез музика во Грац.  Во текот на својата кариера тој има освоено бројни награди на натпревари за џез пијано интерпретација и има реализирано настапи ширум светот со своето трио, но и настапи со реномирани музичари меѓу кои Луис Бонила, Степко Гут, Адријан Мерес, Дон Менза, Дејвид Ходек, Андреас Варади.  Соработката со Гоце Стевковски започнува при посетата на Стевковски во Њујорк каде што Гајер настапува како специјален гостин на концертот.

Тодор Бакрџиев од друга страна, е трубач кој доаѓа од Бугарија.  Тој повеќе години е водечка труба во Brazz Association од Бугарија, дувачки состав со кој остварува бројни настапи во регионот и пошироко.  Бакрџиев е член на Биг Бендот при Бугарското национално радио и Биг Бендот на Благоевград.