За нас

Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ – Скопје, e невладина организација, основана во април 2016 година, со единствена цел да ги обедини џез музичарите од Македонија, и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа.

Во здружението членуваат дел од најреномираните џез музичари од Македонија, студенти и професори на џез академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници, љубители и помагатели на овој вид уметност. Здружението работи на подобрување на музичката продукција, се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, за афирмирање на џез музиката преку организирање на џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата во Македонија, но и отварање локали и центри во кои сето тоа би се реализирало.

Меѓу поважните настани организирани од страна на Здружението се вбројуваат јавната дебата на тема Начини на подобрување на состојбата на џез музиката во Македонија. На оваа дебата со која всушност и беше отворено Здружението, учество зедоа најголем дел од македонските џез музичари, но и деканот на џез академијата во Штип, Тони Китановски, професори од џез академиите во Скопје и Штип, вклучувајќи го и директорот на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета.

Летнен џез караван е манифестација која се одржа во летото 2016 година која резултираше со успешни концерти одржани во четири града низ Македонија – Ресен, Виница, Охрид и Кавадарци на кои настапија дел од најистакнатите џез музичари од Македонија – Дамир Имери Трио, Иван Иванов Трио, Тони Китановски Трио, Гоце Стевковски Септет, Летечки Пекинезери, Sethstat, Fierce, Kabadayas, Симон Киселички Трио и Сашо Поповски Трио, како и гостите од Србија – Фантастик Коалишн.

Следни два реализирани проекти на Здружението беа концертот на ЗЏМ Џез Оркестарот насловен ZJM Jazz Orcestra plays the Beatles (ЗЏМ Џез Оркестарот свири музика на Битлси) и настапот на ЗЏМ Биг Бендот во рамки на Денови на Македонска музика. Двата концерти беа оценети како исклучително успешни од страна на музичките новинари и критичари кои оценија дека појавувањето и работата на еден ваков џез состав е вистинско освежување на македонската џез сцена (ЗЏМ, ФЕИГЛ И „БИТЛСИ“ – ВОЗБУДЛИВ ПОЧЕТОК НА НОВА ЏЕЗ-ПРИКАЗНА!; Првиот концерт на ЗЏМ на тема „Битлси“ поздравен со овации; Жедни за звукот на биг-бендот).

На 30 април, 2017 година, на платото пред Младинскиот културен центар, МКЦ Скопје, за прв пат се одржа манифестацијата под наслов Today it’s all about jazz (Денес сѐ е џез), во организација на ЗЏМ Скопје. Манифестацијата го одбележа Меѓународниот ден на џезот, со што Здружението, се вклучи во мрежата на светски организации кои го одбележуваат овој ден за што има и официјална потврда од страна на Телониус Монк Институтот за Џез. Иако беше планирано настанот да трае девет часа, спонтаноста на целото случување, но и суштината на џез музиката која се темели главно на импровизација, направи тој да трае цели 12 часа, на огромно задоволство на публиката, но и на самите музичари. Со тоа Денес сѐ е џез се претвори во најголем џез настан ораганизиран од страна на Здружението, но и најголем џез настан во нашата земја последниве години, кога станува збор за македонска џез музика и македонски изведувачи, што е од особено значење за музичката култура кај нас.

Биг Бендот беше придружба и на Виенскиот Бал во Скопје, а моментално ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот подготвува нова програма со која ќе настапи на следните планирани настани меѓу кои манифестациите Охридско лето и Прилепски џез викенд.