ЗЏМ Колектив со гудачки оркестар на Охридско лето

На 20 август, на сцената на Долни Сарај, со почеток во 21 часот – концерт на ЗЏМ Колектив со гудачки оркестар!

По повод 60 годишнината од постоењето на реномираниот фестивал Охридско лето, 23 врвни македонски уметници, зад кои стојат бројни концерти, награди и признанија, ќе изведат премиерно композиции создадени и аранжирани од страна на македонски џез композитори, членови на ЗЏМ.

Бидете во Охрид и искористете ја оваа единствена можност да присуствувате на овој исклучителен музички настан кој преку свежината на новите композиции и изведбата на музичарите ќе би овозможи да уживате во еден навистина квалитетен македонски музички производ.

Today it’s all about jazz Vol.4

Време е за ЏЕЗ!

На 30 Април, на Меѓународниот ден на џезот, ЗЏМ заедно со Град Скопје и МКЦ, ќе ја слават џез-музиката!

Со оглед на пандемичната ситуација во која се наоѓаме, оваа година Денот на џез-музиката ќе биде одбележан на малку поинаков начин. Здружението на џез-музичари ќе приреди концерт кој ќе биде прикажен на својата фејсбук страница преку онлајн видео-стриминг. Стримингот ќе се одвива и на фејсбук страницата на Град Скопје, како и на фејсбук сртаницата на Младинскиот културен центар.

В четврток, во текот на целиот ден, ќе имаме можност да проследиме неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.

Секако, ќе имаме можност да слушнеме и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе го чуеме Трајче Велков, алт саксофон – Кирил Кузманов, пијано – Гордан Спасовски, тапани – Гоце Стевковски и бас – Дарко Мучев. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот.

Перкусионистот Антоние Весковски со својот проект насловен „AVP Project“, со песни од неговиот албум „Wonderland“ кој набрзо треба да го види светлото на денот. Неговиот сет се состои од повеќе инструменти на кои свири – маримба, вибрафон, клавијатури, бас, гитара и перкусии.

„Кабадајас“ се: Дејан Милосављевиќ на тапани, Зоран Костадиновски на гитара и Ѓоко Максимовски на бас, кои ќе изведат композиции од нивните два студиски албуми, како и нов материјал кој е во подготовка за снимање, додека на концертна изведба на „Зулу 3.4.“ ќе слушнеме композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“.

Концертот на бендот „Светлост“, ќе претстави дел од нивниот композиторски и изведувачки опус, како и нови композиции, но и музика која спонтано ќе произлезе од нивните креативни мигови.

Во авторскиот проект на тапанарот Михаил Парушев насловен „Jazz fusion proekt“ се и: Зоран Костадиновски на гитара, Мартин Јосифовски на бас, Александар Николовски на труба и Филип Димишковски на пијано.

„3јеct“ е најновото возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, потпкрепени од вградени параметри, создаваат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. „HOMEVERSE“ го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi.

 

Проектот „RADIOHEADJAZZ“ донесе виртуозност и уникатност!

Преполна сала, врвни музичари и прекрасна музика!

Настанот „RADIOHEADJAZZ!“ привлече голем број на музички вљубеници кои во саботата вечерта, на 30 ноември, дојдоа во Филхармонија да го слушнат уникатниот музички перформанс кој ја соедини музиката на влијателните „Рејдиохед“ со магијата на џезот!

 

 

ЗЏМ Биг-Бендот (Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари), под чија капа се организираше настанот, предводен од австрискиот врвен диригент, маестро Зиги Фајгл, фантастично ја „одигра“ улогата да ја пренесе магичната музика на најдобриот алтернативен бенд на сите времиња и да ја конектира со еден сосема поинаков музички израз – џезот.
Концертната сала на Филхармонија се чини никогаш досега не била толку исполнета, а музичките уметници, членовите на ЗЏМ Биг-Бендот покажаа виртуозност во нивната изведба и, се разбира со главната улога на маестро Фајгл, проникнаа во комплексноста на музиката на езотеричните „Рејдиохед“!
Ова беше настан кој долго ќе се памети, заради автентичноста на партитурите, огромниот интерес и се разбира, најмногу заради професионалниот влог на музичарите и одличното озвучување.

ЗЏМ СО НАЈАВА ЗА НОВИ ПРОЕКТИ

ЗЏМ – Здружението на џез-уметници на Македонија е една од најактивните асоцијации кои се занимаваат со уметност во земјава. Биг-бендот на ЗЏМ во изминативе неколку години реализираше голем број на успешни концерти со врвни солисти и диригенти од светот кои важат за едни од најреномираните уметници во сферата на џез-музиката.

И годинава, на 30 Април, ЗЏМ се приклучи кон одбележување на Меѓународниот Ден на џезот. По трет пат Биг-Бендот се претстави во извонредно светло пред многубројните посетители во Младинскиот културен центар. Голем број на намерници, но и случајни минувачи, љубители на џезот, на добрата музика, луѓе од сите генерации, беа сведоци на креативни работилници, меѓу нив и за најмладите, како и на одлични „свирки“, но и на супер дружба полна со звучна магија!

Организаторот на настанот, Здружението на џез-музичари на Македонија, и за 2020 година ветува уште едно целодневно случување кое ќе ја слави џез-музиката, но наедно и ќе едуцира преку разновидните работилници наменети за секоја генерација љубители на џезот.

Не се заборава ниту второто издание на Денот на џезот, кое се одржа во Филхармонијата на РСМ со голем број на учесници, со настап на врвни музичари од земјава и од странство. По извонредните настапи на студентите од Џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, на џез-ансамблите од катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и на џез-хорот „Артизан“, концерти одржаа и Гоце Стевковски Секстет, како и фантастичните гости – Михаил Иосифов Квинтет од Бугарија, и се разбира Биг-бендот на Здружението на џез-уметници на Македонија со врвниот диригент од Австрија, Зиги Фајгл и гостинот на саксофон, светската ѕвезда Дон Менза!

Оваа манифестација, како една од главните настани во работата на Здружението, не претставува само концертно одбележување на Светскиот ден на џезот, туку таа има и цел да ги воведе љубителите на музиката во професионалниот свет на музиката преку работилници. Досега се одржаа неколку, и тоа предводени од мајстори на џез-музиката, меѓу нив и Зиги Фајгл. Тоа е ретка можност да се остварат поучни средби со врвни професори и музичари, кои го споделуваат практично своето искуство во сферата на џез-музиката.

Следните настани на ЗЏМ, меѓу нив и наредното издание на Денот на џезот – 30 Април 2020 година, повторно ќе донесат свежи и инспиративни звучни мигови. Првиот, ќе се случи на претстојното издание на Скопскиот џез-фестивал, кога „комбо“ бендот на ЗЏМ ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонијата и Џијан Емин како диригент и автор на композициите. Се разбира, неизоставен е и Новогодишниот концерт на ЗЏМ кој ќе претстави нови аранжмани на џез-класици со извонредни солисти.

Еден од позначајните настани е концертот на ЗЏМ со маестро Зиги Фајгл од Австрија, со фантастичниот проект „Radiohead Jazz Proјect“. Станува збор за џез-верзии на најдобрите музички теми на британската алтернативна рок-група „Рејдиохед“, која од своето постоење до денес, изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот, која донесе прогресивен и иновативен звук. Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, за првпат претставени кај нас.

Документарец за легендарните ЕКВ на Есенското издание на Скопје Синема Сити

(Превземено од kajgana.com)

 

На 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија ќе се одржи есенското издание на фестивалот Скопје Синема Сити. Оваа година ССС влезе во својата четврта година откако се организира и по тој повод, во текот на годината се организираат 4 филмски настани. Централно место во програмата на Синема Сити зазема музиката и нејзиното филмско претставување. 

За време на есенското издание ќе биде прикажан филмот за легендарната група ЕКВ, „Како да беше некогаш“ на режисерот и авторот Душан Весиќ. На проекцијата на филмот ќе присуствува и режисерот Весиќ кој ќе дојде од Белград и после проекцијата ќе се одржи разговор со него. Бидејќи оваа година тој ја објави биографијата на Маргита Стефановиќ за време на неговиот престој ќе има и промоција и за книгата „Како таа да беше некогаш.“

Останатите филмови се „Звук и тишина: Патувања со Манфред Ајхер“ кој е еден своевиден музички патепис со основачот на реномирана издавачка куќа за џез музика од Минхен, ЕСМ и како патува по светот снимајќи музика. Потоа, следниот ден на 6 октомври ќе следат филмовите за најпознатиот класичен пијанист на денешницата Ланг Ланг, која ја следи неговата животна приказна како едно дете од рурална Кина станува најдобар светски пијанист. Ова издание на фестивалот ќе се затвори со филм за еден од најпознатите музички композитори, Стив Рајш, кој заедно со композиторите Филип Глас, Ла Монте Јанг и Тери Рајли е познат како основоположник на минимализмот во класичната музика.

Фестивалот е организиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм.

 

ПРОГРАМА

5 октомври, 2018

„ЕКВ – Како да беше некогаш“

Режија: Душан Весиќ

„Како да беше некогаш“ на режисерот Душан Весиќ е биографски филм за култниот бенд ЕКВ од Белград. Тоа е емотивна и возбудлива приказна за животот и смртта, за љубовта и омразата. Сите членови на креативното јадро на бендот починале во периодот од 1992 до 2002 г. Од друга страна, пак, голем е бројот на автори кои и ден-денес творат инспирирани музиката на овој бенд. Покрај трагичната судбина на членовите на бендот, во филмот се зборува и за поврзаноста на рокенролот со некогашните власти во СФРЈ, т.е. за новиот бран. Соговорниците зборуваат и за тешки теми, како што се каналите преку кои дрогите доаѓале од врвот на комунистичкиот режим и го наоѓале патот директно во процесот на создавањето на една цела генерација во Белград.

Преку сведочењата на пријателите на Милан Младеновиќ и на неговите колеги, на музичарите, преку коментарите на критичарите и на историчарите на уметноста, ќе проследиме една интересна и потресна приказна за Белград од осумдесеттите години на минатиот век, приказна за уметноста и за животот на една прерано созреана генерација. Ќе слушнете многу добра музика што го одбележа созревањето и им го одреди музичкиот вкус на неколку генерации во поранешна Југославија, а која и денес има оставено силен белег врз сите кои размислуваат и живеат урбано и слободно.

Во 2018 година режисерот Весиќ ја објави биографската книга за Маги Стефановиќ „Како таа да беше некогаш“. По прикажувањето на филмот ќе следи разговор со режисерот и авторот и промоција на книгата.

 

 

Звуци и тишина: Патешествијa со Манфред Ајхер

Режија: Норберт Вајдмер и Питер Гајер

Земја: Швајцарија

Времетраење: 90 мин.

 

Манфред Ајхер е основоположник и главен музички продуцент зад една од најпознатите независни музички издавачки куќи ЕСМ. Основана во 1968 г, оваа куќа може да се пофали со едни од најпопуларните имиња од историјата на џезот како Кит Џерет, Јан Гарбарек, Пет Метини, Гери Бартон, Еберхард Вебер, Чик Корија, Дејв Холанд и уште многу други, како и од современата класична музика: Стив Рајш, Арво Перт, Елени Кариндру. Секое издание на ЕСМ е карактеристично по тоа што на едно место се среќаваат најдоброто од визуелните уметности со ауралните. Човекот кој тоа го постигнува е Ајхер кој патува насекаде по светот и ги снима овие музичари. Во овој филм, прикажани се неговите патешествија и работа со музичари во период од 5 години.

6 октомври

 

 

Постигни или умри: Приказната за Ланг Ланг

Реж. Метју Спрингфорд

Земја: Велика Британија

Времетраење: 90 мин

 

Ланг Ланг е еден најдобрите пијанисти на сите времиња и филмот ја следи неговата животна приказна од дете гениј па до глобален феномен. Неговите настапи се секогаш распродадени и тој допира до публика која е далеку од традиционално класичната. Неговата популарност и способност да се поврзе со помладите генерации одиграле значајна улога во инспирирањето на преку 40 милиони деца од Кина да почнат да учат да свират на пијано. Во филмот се прикажува приказната позади феноменот Ланг Ланг.

 

 

Стив Рајш: Соочување со фазата

Реж. Ерик Дармон

Земја: Франција

Времетрање: 60 мин

 

Заедно со Филип Глас, Ла Монте Јанг и Тери Рајли, Стив Рајш е еден од основоположниците  на минимализмот ов класичната музика. Тоа е правец кој се јавува на крајот од ‘60те и буквално го превртува светот на класичната музика наопаку и го заживува повторно. Денес овој автор се смета за еден од великаните на класичната музика. Овој филм е портрет на овој великан и гледа назад на неговата кариера од основањето на својата група во ‘60те, гледишта на американската авангарда која тој помогнал да се основа, неговите експерименти, каде сето тоа е прикажано со настапи во Токио, Манчестер, Рим и Њујорк.

 

Во понеделникот вечерта, Македонската филхармонија ечеше со звуците на џез-музиката!

Во понеделникот вечерта, Македонската филхармонија ечеше со звуците на џез-музиката! Се прослави, и во Скопје, Меѓународниот ден на џезот – 30 Април, годинава со голем број на учесници, со настап на врвни музичари од земјава и од странство.

По извонредните настапи на студентите од Џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, на џез-ансамблите од катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и на џез-хорот „Артизан“, концерти одржаа и Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет, како и Биг-бендот на Здружението на џез-уметници на Македонија со врвниот диригент од Австрија, Зиги Фајгл и гостинот на саксофон, светската ѕвезда Дон Менза! Тоа беше настан за паметење!

 

Македонската филхармонија и Здружението на џез-музичари на Македонија на 12 април реализираа: ЕЛЕКТРО-АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ НА ЏИЈАН ЕМИН!

 

 

 

 

 

 

Полна сала, овации, впечатлива музичка фузија од неколку звучни изрази и стилови, беа првите впечатоци по концертот. А, еве што беше запишано во програмскиот лист:

„Музиката е јазик над јазиците. Може да се каже дека, во однос на сите други уметности, музиката најсилно ја придвижува и ја менува свеста.“ (Дејвид Тејм – „Скриената моќ на музиката“)

Звучната фузија од електроника и класични инструменти, од артифициелни и натурални тонови се јавува уште на почетокот на 20.век и се развива паралелно со напредокот на техниката и технологијата, обидувајќи се, слично како и со појавата на минимализмот, да исфрли некои од спецификите на западната класична музика, особено она чувство на климакс. Денес, размената на информации е полесна од било кога и во однос на творештвото, таа на некој чуден начин го наоѓа и звучниот патоказ во кој електрониката со сите свои потенцијали ја наметнува „свеста“ во симфониската (класичната) музика, но и обратно. Оваа приказна може да се движи до недоглед и повторно да се врати на почетокот – а, некаде во средината звуците да не одведат во сосема ирационални делови, некаде пак, во сосема музички, онака препознатливо музички, тонални, достапни. Нашите уши одамна се навикнаа на онаа, на почетокот чудна комбинација од човек и робот, од духовно и механичко, на еден несекојдневен звучен процес кој денес е навика, секојдневие, нормалност. Денес, индивидуалноста и креативноста живеат поинаков живот.

И за Џијан Емин овој процес на создавање на музика не е новитет и тој постојано ги пренесува неговите одредени идеи и погледи на разновидни звучни појави (проекти), а соединувањето на класичната со електронската музика го одведе далеку надвор од границите на неговата земја. Неговата долгогодишна комуникација со класичната музика, на различни нивоа на изразување, не само што изврши огромно влијание врз неговиот уметнички хабитус, туку денес го одведе во поинакви, за некои нови звучни предели во кои особено се фокусира на деталите оплеменувајќи ги со техничките можности. На нашето културно небо, тој поставува нови стандарди на поимање на музиката и гради сопствена приказна која е слушната, „видена“, прифатена и пренесувана.

Франц Кафка вели: „Музиката е звук на душата, директен глас на личниот свет“. Тој личен свет во кој денес се поврзуваат класичната, електронската музика и џезот, за Џијан Емин е еден, единствен. Со едноставно име, електро-акустичен концерт, кој бегло ја дава и естетската одредница на овој настан, тој е збогатен и со импровизацијата како создавање во мигот, како моментална инспирација, како мисла која доаѓа, се задржува и минува понатаму. Нема ноти, нема подготовка, постои само автентичност на мигот исполнет со звук –  импровизацијата како непресушен извор на свежи идеи. Како главна карактеристика на џезот, таа овде е суптилно проткаена.

Фридрих Ниче, пак, напишал: „Музиката ги соединува сите квалитети: може да не восхити, може да не орасположи или да ги скрши најцврстите срца со мекоста на своите меланхолични тонови. Но, нејзината примарна задача е да ги води нашите мисли кон повисоки нешта, да не возвиши, па дури и да направи да затрепериме…“ Електро-акустичниот концерт на Џијан Емин може да отвори нови видици на поимање на музиката, може да предизвика разни емоции, да створи поле за полемики, да наметне дилеми, едноставно да создаде атмосфера во која слободата на изразување на емоциите, ама и на мислата, ќе биде најважна. Зашто, слободата е, всушност, лајт мотивот на овој уметнички настан – како чин на креација, ама и како пристап на восприемање на звукот.

Денот на џезот и во другите градови во Македонија

 

ЗЏМ Скопје, за годинашниот Меѓународен ден на џезот, внесува уште една новина. Станува збор за мини патувачки џез-караван кој ќе се одржи на 26, 27 и 28 април во 6 градови во земјава, Охрид, Велес, Битола, Кавадарци, Штип и Прилеп, со настап на 6 џез-групи.

На 26 април во Охрид, концерт ќе одржи групата „Кабадајас“. Станува збор за состав формиран од четворица сестрани македонски музичари. Музичкиот жанр кој тие го создаваат и исполнуваат, е мешавина од традиционални мелодиски и ритмички изрази, карактеристични за Македонија, при што се рушат тие граници посегнувајќи длабоко во областа на џез/фанк/драм енд бејс и даб-музиката. Шлаг на „тортата“ е звукот на водечкиот кларинет кој може лесно да се опише како „Гаспаријан од 21-от век кој настапува на Jazzy клупската сцена“. Во бендот членуваат: Горан Бојчевски – кларинет, Зоран Костадиновски – гитара, Џоле Максимовски – бас-гитара и Дино Милосављевиќ – тапани и перкусии.

 

 

На 26 април во Велес, концерт ќе одржат „Летечки пекинезери“, кои повеќе од десет години успешно ја доближуваат џез-музиката до младата популација. Добро е препознатлив нивниот звук кој се движи во границите на свингот, звуците од 30-тите и 40-тите години на минатиот век, вметнувајќи и фрази слични на оние на Кочо Петровски, Тале Огненовски или некои други почитувани мајстори во македонската народна музика, но од друга страна, тие го збогатуваат својот звук со еден рокабили шмек. „Летечки пекинезери“ досега имаат издадено два албуми: „Летечки пекинезери“ (2011) и „Dog Show/ Изложба на кучиња“ (2014), и двата издадени за СЏФ Рекордс. Во бендот членуваат: Иво Солдатовиќ – кларинет, Петар Христов – тенор-саксофон, Бојан Петков – гитара, Кирил Туфекчиевски – бас и Славчо Коцев – тапани.

 

На 27 април во Битола, ќе настапи Триото на Оливер Јосифовски, познат како основач на групата „Љубојна“, која ја предводи заедно со својата сопруга, вокалистката Вера Милошеска Јосифовска. Иако, неговите музички интереси и активности не почнуваат, ниту завршуваат тука. Тој е еден од основачите на култниот бенд „Фолтин“, член е на неколку реномирани македонски џез-состави, а воедно е и еден од најбараните композитори за театарска музика. По завршувањето Џез-академија во Софија, неговите активности на музички план се врзани со компонирање на музика за театарски претстави (досега околу 60 претстави). Јосифовски соработува со повеќе театарски режисери од регионот: Нурула Тунџер од Турција, реномираниот српски драмски писател и режисер Душан Ковачевиќ, режисерот Павлос Данелатос и театарот „Андреас Воутсинас“ од Солун, Грција…

 

 

На 27 април во Кавадарци, публиката ќе има можност да го проследи настапот на „Jazzna“ („Џезна“) – формација чија цел е да биде дел од ретките, но толку потребни џез-џедаи кои преку мелодии како лајтсејбери и пркосат на империјата на едноличниот мејнстрим. „Џезна“ се: Јасна Трпкова – вокал, Александар Таушанов – гитара и Пере Ангелов – бас.

 

 

 

На 28 април во Штип, концерт ќе одржи Тони Китановски, етаблиран македонски џез-музичар, композитор и гитарист. Од крајот на 70-тите години и во дел од 80-тите, негов музички ментор бил македонскиот реномиран композитор Драган Ѓаконовски – Шпато. Од 1986 до 1990 година го водел триото „Шпато“, со кое одржал бројни концерти, додека од 1990 до 1997 година престојува во САД, каде што дипломира композиција на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, а паралелно компонира за оркестарот на Херб Помероу и за Биг-бендот на Грег Хопкинс. Китановски во 1997 година се враќа во Скопје, каде го формира составот „Луна“, а подоцна и своето трио. Повторно соработува со голем број на реномирани светски музичари, меѓу кои се и Грег Хопкинс, Чарли Мариано и Мет Дариау. Во 1998 година, за продукцијата на „Скопскиот џез-фестивал“ го објавува својот прв албум „One For Charlie“, по што следат албумот на Тони Китановски и Черкези оркестра, потоа „Шукар, „Бостон“ на кој гостува Грег Хопкинс, „3X3“ кој е во соработка со повеќе негови колеги. Kако продуцент композитор и изведувач се јавува на уште три ЦД изданија – „Ел Равал“ на Васил Хаџиманов трио, „Кубалкан“ на Оскар Салас со македонски музичари и „Три Света“ на Амалиа Бараона. Автор е на музиката на играните филмови: „Movie“, „Медена ноќи „Само за губитници“ на режисерот Иво Трајков. Покрај изведувачката кариера, Тони Китановски моментно ја извршува функцијата декан на Џез- академијата во Штип.

На 28 април во Прилеп, концерт ќе одржи групата „3јеct“. Тоа е најновото „возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти“. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, потпкрепени од вградени параметри, ствараат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. HOMEVERSE го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi.

За 30 Април и Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет

На официјалната манифестација во Скопје, покрај Дон Менза и Зиги Фајгл, ќе настапат и два други музички состави кои негуваат различен тип на џез-музика: Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет.

Гоце Стевковски Секстет – „Седум приказни“ на Гоце Стевковски е првиот негов авторски албум преку кој овој музички уметник се потврди пред македонската и пошироката публика како исклучително иновативен композитор. Иако, публиката го познава како тапанар со кој имаат соработувано сите реномирани музичари и групи од земјава и од регионот, меѓу кои и „Архангел“, „Леб и Сол“, „Бодан Арсовски Езгија Бенд“, „Проект Жлуст“, „ДНО“, Кирил Џајковски… На 30 април, Стевковски ќе се претстави пред публиката со неговиот последен албум под наслов „Кожув“ кој покрај звуците на класичниот современ џез внесува и македонски фолклорни мотиви.

 

 

Михаил Иосифов, кој ќе настапи со својот извонреден Квинтет, е истакнат трубач од Бугарија, аранжер и композитор, кој во својата кариера има соработувано со многу истакнати имиња од светската џез-сцена, меѓу кои Мајк Стерн, Дејв Векл, Mezzoforte, Dephazz, Пинк Мартини, Питер Херболцхајмер, Карен Бернод, Пуги Бел, Ренди Брекер, Мајкл Закрпи Стјуарт, Макс Moya, Жерар Пренсер, Милчо Левиев, Теодосиј Спасов, Ангел Заберски, Антони Дончев, Христо Јоцов.