За оние што не успеаја да стигнат на промоцијата :)

Најпрво едно огромно благодарам до сите кои присуствуваа на првата дружба организирана од страна на нашето здружение и помогнаа да се испрати првичниот импулс за наше понатамошно креативно обединување!
За останатите, еве можност да видите што беше дискутирано на промоцијата.

Дневен ред на промоција на Здружението на џез музичари и слободни уметници , ЗЏМ – Скопје
Драги пријатели, џез музичари, слободни уметници,
Најпрво да ви одговориме на прашањето од каде идеата за формирање на нашето здружение. Имено, во модерниве времиња џез музиката во Македонија можеби почна да се смета за алтернативна музика, но веројатно оваа појава е присутна насекаде во светот со оглед на тоа што новосоздадената “синтетичка” музика до некоја мера го замени свирењето во живо и импровизацијата. Сепак, кога станува збор за Македонија, вистината е дека имаме богата македонска џез историја која ги следи светските текови вклучувајќи и неколку генерации на образувани џез музичари кои сиве овие години активно творат и имаат своја бројна публика. Интересно кај нас е тоа што во поново време доминираат три струи во македонската џез музика – од една страна се музичарите образувани во нашите веќе истакнати музички институции во Скопје и Штип, потоа се тука музичарите кои своето образование го имаат завршено на Џез Универзитетот во Грац кој е најистакната ваква институција во Европа и дипломците на Беркли кој сеуште претставува светска лулка на џезот. Овие музичари почувствуваа силна потреба од обединување, едноставно поради потребата за подобра координација, заедно со желбата заеднички да се придонесе за поголема застапеност на македонската џез музика во државава, но и за нејзино пласирање надвор од неа. Оттаму произлезе идеата за формирање на здружението.
Кој се членува / може да членува во здружението?
Здружението пред себе си постави задача да ги обедини љубителите на џез музиката – џез музичарите, студентите од џез академиите, но и сите ентузијасти и помагатели на овој вид уметност, но и сите слободните уметници, со што сметаме дека ќе се отвори нова платформа за изразување за нашите креативци.
Цели на здружението
Главната цел која ги обединува активностите на ЗЏМ е да се даде придонес во афирмацијата на македонската џез музика преку унапредување на продукцијата и застапеноста на авторската џез музика создадена и изведувана од страна на македонски џез композитори и музичари, па оттука да се зголеми и нивната медиумска присутност и застапеност на фестивалите во земјава и надвор од неа.
Понатамошни активности
Здружението на џез музичари и слободни уметници ќе работи на организирање различни тематски џез настани кои преку својата урбана димензија уште повеќе ќе ја доближат џез културата до публиката. Бидејќи во центарот на интерес на здружението останува авторската џез музика, создадена и изведувана од страна на македонски музичари и композитори, овие настани ќе биде од особено значење за македонската џез музика, но и за целата музичка сцена во земјава на која џез културата зазема се поголем простор.
Во активностите на здружението се вбројува и едукација на млади таленти и музички ентузијасти која ќе се спроведува преку организирани работилници (workshop-ови) во текот на годината, и на кои ќе држат предавања дел од членовите на Здружението, кои веќе во голем број се професори на Факултетите за музичка уметност во Скопје и Штип. Се разбира, не се исклучува и можноста да бидат повикани и едукатори од странство кои ќе споделат дел од своето знаење.
Понатамошните активности би подразбирале и вклучување на здружението во постоечки Европски мрежи, за да може да се воспостави реална размена на македонскиот музички производ надвор од нашите граници.
Во рамки на Здружението функционира и Биг Бенд во кој членуваат дел од членовите на Здружението, но често пати ќе се повикуваат и гости од странство со кои членовите остваруваат успешна соработка. Биг Бендот изведува композиции создадени од македонски џез композитори од помладите генерации, вклучувајќи и дела од големите великани и основоположници на македонската џез музика.
Исто така, се очекува џез фокусот на здружението да биде надополнет и проширен со активности од сите други заинтересирани уметници, и да да се овозможи да ја искористат оваа платформа за нивно пошироко претставување.

Покрај членовите на Здружението, на промоцијата свое обраќање имаа и Оливер Белопета, директор на Скопски џез фестивал, и Тони Китановски, џез музичар и декан на Факултетот за музичка уметност во Штип, имиња кои имаат огромна заслуга за досегашната афирмација на џез музиката во земјава . Тие ја поздравија иницијативата за формирање на ова здружение и споделија дел од своите искуства, давајќи суестии за уште поуспешна работа на здружението.

skopje Map