Седмо издание на фестивалот Today It’s All About Jazz



На 30 април, со почеток од 13 часот, во паркот “Ибни Пајко” ќе се одржи седмото издание на големиот целодневен џез хепенинг под наслов Today It’s All About Jazz, организиран од страна на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје.

Меѓународниот ден на џезот е меѓународен ден прогласен во 2011 година  од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.  Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО, и на Обединетите нации.

“Институтот за џез Херби Хенкок” (поранешен “Институт за џез Телониус Монк”), американска невладина организација со која исто така претседава Хенкок, е водечки организациски партнер за Денот на џезот. Институтот ги координира активностите во земјите-членки на УНЕСКО, како и дел од прославите кои се случуваат глобално.

Здружението на џез музичари, ЗЏМ Скопје, по 7ми пат ја организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од самиот Херби Хенког.  Изминативе 6 години, на сцената на Фестивалот Today It’s All About Jazz настапија огромен број на имиња, некои од нив мега-популарни, а некои пак тука ги направија првите чекори во џез музиката.  На долгата листа се вбројуваат In Between, Bopheads, Летечки Пекинезери, Sethstat, Fierce, Гоце Ствековски Септет, Imaginary Folklore, Тони Китановски Трио, Џоле Грујовски Квартет, Kabadayas, Оливер Јосифовски Трио, Џезна, Михаил Јосифов Квинтет, ЗЏМ Биг Бенд Оркестар, Parussion group,Џијан Емин, Арбен Џафери, Апнеа, Дина Јашари, Pangea: Free The World, Bramha Amity, Гордан Спасовски Трио, Иван Иванов Трио, Џон Илија Апелгрен, SS Project, Offground Ensemble, Агни Авшар, Јордан Костов, Сашо Поповски, Филип Динев.  Сите овие учесници помогнаа во славењето на Меѓународниот ден на џезот, славејќи ги “придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето.”

Оваа година го славиме Меѓународниот ден на џезот под истотo мото и особено задоволство ни е да го најавиме новото, седмо издание на Today It’s All About Jazz.

Повторно нè очекува целодневен хепенинг на кој ќе настапат следните музички имиња:

Џез за деца и млади
Квартет Акварела
Никола Бочваров Квартет
Филип Динев Трио – Филиp Динев/Тилман Обербек/Јан Цајмец
ЗЏМ Биг Бенд – Преект Запа
Јуре Пукл Орган трио – Јуре Пукл/Марко Чрнчец/Крис Смит
Адедџи “Јорува Одисеја”

Денот на џезот го започнуваме со програма за најмладите.  Со почеток од 13 часот, ќе се одржи креативна џез работилница за деца од 4 до 11 години која ќе ја води пијанистот и композитор, Гордан Спасовски

Децата – учесници ќе се запознаат со основите на џезот, со музичките инструменти (ритам секција: пијано, бас, тапани, гитара, солистички инструменти), но и ќе бидат дел од процесот на создавање џез музичка композиција која на крајот ќе биде изведена пред публика.

По џез работилницата следува настап на младински џез состав во кој членуваат Петар Марков  – Маруш (гитара), Давид Ѓоргиев (тапани) и Симеон Будро (бас).

Filip Dinev Trio ft. Tilman Oberbeck/Jan Zeimetz e најновиот  авторски  проект  на  македонскиот  гитарист и композитор, Филип  Динев,  кој го реализира во соработка со Тилман Обербек на контрабас и Јан Цајмец на тапани/перкусии.

Триото настанува во Хамбург, и претставува еден од најавтентичните и најактивните музички џез состави во регионот.   Елементи од џез, балканска и класична музика се интегрален  дел од  композиторскиот  печат  на  Динев.  Концертот е  навестување  на  новиот  албум на триото, со наслов „Romann“, и второ интернационално авторско издание на Динев, снимено во Хамбург.

Квартетот Никола Бочваров, покрај Бочваров кој е лидер на бендот, го сочинуваат Стефан Алексовски на клавијатури, Иван Петровски на гитара и Александар Ванчовски на тапани.  Бочваров е дипломиран контрабасист при Факултетот за Музичка Уметност во Скопје , оддел за популарни жанрови, додека џез едукација има стекнато на “Franz Schubert Konservatorium” во Виена.  Големото искуство и обемната работа во изминатите дваесетина години го направија еден од најбараните и најмаркантни басисти кај нас.

Квартетот Акварела е група која од неодамна работи во Скопје. Составена е од Јани Костурски – вокал, Павел Ренџов – тапани,  и парот добро познати музичари на Македонската сцена: Ѓоко Грујовски – гитара и Маја Капсарова- бас. Името кое го носи овој проект (океанско-сина боја) е тесно поврзан со стилот кој оваа група го негува, а тоа е Бразилски џез и Боса Нова. 

Новиот албум на Бочваров “ Гласна Тишина “ е едно од поголемите негови уметнички достигнување.  Тој претставува најдобар опис за неговата креативност , стручност, компетентност, и сведоштво за неговото долгогодишно искуство.

Jure Pukl Organ trio feat. Marko Črnčec & Chris Smith

Јуре Пукл е словенечки џез-музичар (тенор и сопран саксофон, бас кларинет, композиција) кој свири модерен џез.  

Марко Чрнчец е еден од најпознатите современи музичари и најреномираните словенечки музичари, со седиште во Њујорк. На меѓународната сцена, тој е познат како мултиинструменталист, композитор, аранжер и продуцент кој лесно се движи низ жанрови,  особено низ џез, класична и популарна музика.

Крис Смит е професор на Универзитет за музика и изведувачки уметности Грац, Австрија.  Во Њујорк редовно настапува со Биг Бендот Birdland, а има настапувано и со Vanguard Jazz Orchestra, Dick Oatts Quintet, Troy Roberts, Andrew Gould Quartet и Randy Brecker

Исклучителното трио Jure Pukl Organ trio feat. Marko Črnčec & Chris Smith ќе настапи премиерно на овогодинешната манифестација Today It’s All About Jazz Vol.7 со материјал кој ќе биде за прв пат изведен пред нашата музика, и се движи во границите на модерниот џез.

АДЕЈЕ „ЈОРУБА ОДИСЕЈА“ (ADÉDÈJÌ “YORUBA ODYSSEY”)

Адедеџи е нигериски пејач, гитарист, композитор, аранжер и мултиинструменталист.  Неговиот бенд составен од девет луѓе вклучува некои од најдобрите студиски музичари од Нигерија, најгруви ритам-секција, прекрасни машки и женски придружни вокали и неверојатна дувачка секција кои го надополнуваат афро-бит звукот.

Музиката на Адедеџи се движи во рамките од соул до џез, до блуз, до фанк, до традиционална јорупска музика.  Текстот на неговите песни е на јорупски, англиски и Пиџин англиски. Во текстовите, Адедеџи го разгорува традиционалниот идентитет на јорупската култура користејќи гатанки и поговорки и зборувајќи за општеството.

За оваа прилика Адедеџи ќе настапи придружуван од македонски музичари.

ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот е единствен оркестар од ваков тип во нашата држава.

По неговото основање во 2016 година, оркестарот во наредните години успеа да го зацврсти своето место на македонската џез сцена и да прерасне во значен фактор за развој на културата воопшто.

Зад себе има повеќе настапи меѓу кои концертот ZJM Jazz Orchestra plays the Beatles, RADIOHEADJAZZ!, Baby it’s cold outside, Електро-акустичниот концерт, ZJM Big Band Orchestra & Macedonian Guitar Heroes, ЗЏМ Биг Бенд и Филхармонија, ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот како придружба на џез вокалот Курт Елинг, ЗЏМ и Рамбо Амадеус, ЗЏМ и Луис Бонила.

За оваа прилика биг бендот ќе го изведе проектот Запа – неповторливиот Френк Запа, во изведба на ЗЏМ Биг Бендот. Ќе ги чуете композициите на еден од најиновативните и стилски најразновидните музичари на 20 век во Биг Бенд изведба.

Today It’s All about Jazz Vol.4

Време е за ЏЕЗ!

На 30 Април, на Меѓународниот ден на џезот, ЗЏМ заедно со Град Скопје и МКЦ, ќе ја слават џез-музиката!

Со оглед на пандемичната ситуација во која се наоѓаме, оваа година Денот на џез-музиката ќе биде одбележан на малку поинаков начин. Здружението на џез-музичари ќе приреди концерт кој ќе биде прикажен на својата фејсбук страница преку онлајн видео-стриминг. Стримингот ќе се одвива и на фејсбук страницата на Град Скопје, како и на фејсбук сртаницата на Младинскиот културен центар.

В четврток, во текот на целиот ден, ќе имаме можност да проследиме неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.

Секако, ќе имаме можност да слушнеме и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе го чуеме Трајче Велков, алт саксофон – Кирил Кузманов, пијано – Гордан Спасовски, тапани – Гоце Стевковски и бас – Дарко Мучев. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот.

Перкусионистот Антоние Весковски со својот проект насловен „AVP Project“, со песни од неговиот албум „Wonderland“ кој набрзо треба да го види светлото на денот. Неговиот сет се состои од повеќе инструменти на кои свири – маримба, вибрафон, клавијатури, бас, гитара и перкусии.

„Кабадајас“ се: Дејан Милосављевиќ на тапани, Зоран Костадиновски на гитара и Ѓоко Максимовски на бас, кои ќе изведат композиции од нивните два студиски албуми, како и нов материјал кој е во подготовка за снимање, додека на концертна изведба на „Зулу 3.4.“ ќе слушнеме композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“.

Концертот на бендот „Светлост“, ќе претстави дел од нивниот композиторски и изведувачки опус, како и нови композиции, но и музика која спонтано ќе произлезе од нивните креативни мигови.

Во авторскиот проект на тапанарот Михаил Парушев насловен „Jazz fusion proekt“ се и: Зоран Костадиновски на гитара, Мартин Јосифовски на бас, Александар Николовски на труба и Филип Димишковски на пијано.

„3јеct“ е најновото возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, потпкрепени од вградени параметри, создаваат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. „HOMEVERSE“ го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi.

 

Проектот „RADIOHEADJAZZ“ донесе виртуозност и уникатност!

Преполна сала, врвни музичари и прекрасна музика!

Настанот „RADIOHEADJAZZ!“ привлече голем број на музички вљубеници кои во саботата вечерта, на 30 ноември, дојдоа во Филхармонија да го слушнат уникатниот музички перформанс кој ја соедини музиката на влијателните „Рејдиохед“ со магијата на џезот!

 

 

ЗЏМ Биг-Бендот (Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари), под чија капа се организираше настанот, предводен од австрискиот врвен диригент, маестро Зиги Фајгл, фантастично ја „одигра“ улогата да ја пренесе магичната музика на најдобриот алтернативен бенд на сите времиња и да ја конектира со еден сосема поинаков музички израз – џезот.
Концертната сала на Филхармонија се чини никогаш досега не била толку исполнета, а музичките уметници, членовите на ЗЏМ Биг-Бендот покажаа виртуозност во нивната изведба и, се разбира со главната улога на маестро Фајгл, проникнаа во комплексноста на музиката на езотеричните „Рејдиохед“!
Ова беше настан кој долго ќе се памети, заради автентичноста на партитурите, огромниот интерес и се разбира, најмногу заради професионалниот влог на музичарите и одличното озвучување.